Украинскиот претседател Володимир Зеленски и финскиот премиер Петери Орпо разговараа во Талин за зајакнување на европската одбрана, подготовка на договор за беспилотни летала и развој на антибалистичка заштита, објави Зеленски.
Средбата се одржа во пресрет на самитот Украина-NB8, на кој учествуваат Украина и земјите од Северна Европа и Балтикот, објави Укринформ.
Според Зеленски, разговорите биле фокусирани на европските напори во развојот на антибалистичката одбрана, како и на подготовката на договор во рамките на иницијативата „Договор за беспилотни летала“, чија цел е зајакнување на одбранбените капацитети на европските земји.
Двајцата претставници разговараа и за потребите на Украина за воздушна одбрана, регионалните безбедносни предизвици и дипломатските напори насочени кон постигнување мир.
Зеленски ѝ се заблагодари на Финска за нејзината воена и финансиска помош за Украина, вклучително и минатите пакети за воена поддршка и придонесот во програмата PURL, наведувајќи дека Хелсинки е подготвен да продолжи со својата поддршка.
Претседателот на Украина учествува на самитот Украина-НБ8 во Талин, на кој учествуваат претставници на Естонија, Данска, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска, пренесува Танјуг.

