Најмалку 49 лица починаа од жед во Сахара откако камионот со кој патувале од Мали до Нигер се расипал, соопштија локалните власти.
Патниците, сите нигериски државјани, се враќале дома кога камионот се изгубил, а подоцна се расипал во оддалечена област во близина на границата меѓу Мали и Алжир, според соопштението на гувернерот на регионот Агадез, пренесува Ројтерс.
„Заглавени без вода и неспособни да го поправат возилото, патниците се нашле заробени во непријателска средина каде што екстремните температури и недостатокот на места за снабдување го отежнуваат преживувањето“, се вели во соопштението.
Двајца мажи пешачеле десетици километри за да стигнат до најблискиот град и да ги информираат властите за инцидентот.
Жртви закопани во масовни гробници
Телата на 49 лица беа пронајдени под камионот и во околината, а спасувачите ги закопаа жртвите во масовни гробници ископани на самото место.
Спасувачите, исто така, му помогнаа на друг камион со повеќе од 60 патници кој беше заглавен три дена откако му откажа батеријата.
Многу млади Нигеријци патуваат во Мали за да работат во рудници на мали приватни локации, и покрај ризиците од напади од милитантни групи.

