Американскиот претседател Доналд Трамп најави разговор со тајванскиот претседател Лаи Чинг-те за можна продажба на оружје. Тоа би било нагло отстапување од дипломатската традиција.
Имено, американскиот и тајванскиот лидер не разговарале директно од 1979 година, кога Вашингтон ги прекина формалните врски со Тајван за да ја признае владата во Пекинг.
Пекинг тврди дека Тајван е негова територија и не ја исклучи можноста да го земе со сила.
Лаи, кој ја презеде функцијата во 2024 година, стои зад еден од најсилните напори во последните години за зајакнување на одбраната на островот, пишува Би-Би-Си.
САД долго време го поддржуваат Тајван и се обврзани со закон да му обезбедат средства за самоодбрана, но мораа да го балансираат тоа со одржување на дипломатски односи со Кина.
Во среда, Трамп рече дека ќе разговара со Лаи.
„Разговарам со сите… ќе работиме на тоа, проблемот со Тајван“, рече тој, пофалувајќи го својот однос со кинескиот претседател Си како „неверојатен“ по дводневниот самит во Пекинг минатата недела.
Во 1979 година, САД го усвоија Законот за односи со Тајван, во кој се наведува дека САД можат „да му обезбедат на Тајван оружје од одбранбена природа“, поради што продолжуваат да продаваат оружје на Тајван.
Трамп рече дека сè уште не одлучил дали да продолжи со продажбата на пакет оружје вреден 14 милијарди долари на Тајван, кој наводно вклучува опрема против беспилотни летала и противвоздушни ракетни системи.
Според извештајот на „Фајненшл тајмс“, Пекинг во моментов ја одложува предложената посета на високиот политички функционер на Пентагон, Елбриџ Колби, – велејќи дека не може да ја одобри посетата сè додека Трамп не одлучи како да продолжи со договорот за оружје.
Минатата недела, додека се враќаше од Пекинг со „Ер Форс Уан“ по состанокот со претседателот Си, Трамп беше слично прашан за продажбата на оружје на Тајван, на што рече дека „ќе донесе одлука во следниот прилично краток временски период“.
„Морам да разговарам со лицето кое моментално, знаете кој е тој, го води Тајван“, рече тој.
Ова не е прв пат Трамп да ја прекрши традицијата.
Во 2016 година, тој разговараше со тогашната лидерка Цаи Инг-вен, кога тој беше новоизбран претседател.
Кина подоцна поднесе жалба до САД во врска со повикот.
Трамп, исто така, рече дека разговарал за продажбата на оружје со Си „многу детално“ – уште еден изненадувачки пресврт во политиката на САД, ако е вистина.
Во 1982 година, САД го уверија Тајван дека нема да се консултира со Пекинг за продажба на оружје на Тајван.
Но, кога беше прашан за таа обврска на враќање од Пекинг, Трамп рече дека 1980-тите биле „долг пат“.
Минатиот декември, САД одобрија продажба на оружје на Тајван во вредност од 11 милијарди долари, една од најголемите досега, што го налути Пекинг.
Под претседателот Лаи, Тајван значително ги зголеми своите трошоци за одбрана за да се спротивстави на растечкиот воен притисок на Кина.
Многу Тајванци се сметаат себеси за дел од посебна нација, иако повеќето го поддржуваат одржувањето на статус кво во кое Тајван ниту прогласува независност од Кина, ниту се обединува со неа.

