Две европски земји би можеле да се спојат во една

Сподели со своите пријатели

Лидерите на Романија и Молдавија очигледно имаат голема наклонетост еден кон друг.

На почетокот на мај, молдавската претседателка Маја Санду и нејзиниот романски колега Никушор Дан објавија заедничка фотографија на нивните Фејсбук страници: тие седат насмеани, еден до друг во романски воен авион.

„Заедно со претседателот Никушор Дан на пат кон главниот град на Ерменија, каде ќе се одржи состанокот на Европската политичка заедница“, напиша Маја Санду.

Тоа беше првпат лидерите на Република Молдавија и Романија да патуваат заедно на меѓународна средба и по пристигнувањето на аеродромот да бидат пречекани како дуо.

Тој гест веројатно не беше случаен: тоа е јасна порака за се поважното прашање за можното (повторно) обединување на Република Молдавија и Романија, пишува Дојче веле.

За првпат и во двете земји, истовремено на власт се лидери кои имаат позитивен став за обединување.

Сите претходни молдавски претседатели се спротивставија на ова, додека во Романија само Трајан Басеску (претседател од 2004 до 2014 година) беше цврст поддржувач на „унионизмот“.

„Романија е подготвена“

Актуелната молдавска претседателка, Маја Санду, е познат поддржувач на обединувањето, но сепак ја избегнува темата.

Таа дури во последните месеци во неколку интервјуа за странски медиуми отворено се изјасни за обединување.

Во јануари 2026 година, таа изјави за Би-Би-Си дека лично ќе гласа за референдумот за обединување – што поттикна некои молдавски опозициски политичари да побараат нејзина оставка за „велепредавство“.

И покрај тоа, на крајот на април таа повторно се заложи за тоа во разговор со новинарите на Ле Монд.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Што е ебола и зошто СЗО предупредува на глобална здравствена закана?

Романскиот претседател Никушор Дан отворено ја поддржува идејата и изјавува: „Романија е подготвена“.

Во исто време, тој е првиот романски претседател кој не зазема патерналистички однос кон неговите значително посиромашни „браќа и сестри на североистокот“, туку еднакво се однесува кон соседната земја и нејзините граѓани. Ова е добро прифатено во Република Молдавија.

Покрај тоа, Маја Санду и Никушор Дан претходно беа антикорупционери и се бореа против самоволието и злоупотребата на власта.

Маја Санду, како и многу нејзини сонародници, исто така е државјанка на Романија.

Како претседател, таа го поддржа Никушор Дан на романските претседателски избори во мај 2025 година и гласаше за него.

Играчка на големите сили

Можеби изгледа необично – претседателката на една земја, која исто така е државјанин на соседна земја, гласа таму и на крајот се залага за исчезнување на сопствената земја.

Но, тоа покажува колку се поврзани Република Молдавија и Романија – јазично, историски и културно.

Во двете земји официјален јазик е романскиот.

Поранешното кнежество Молдавија беше поделено меѓу Русија и Отоманската империја во 1812 година. Границата – речиси точно во средината – беше реката Прут.

Набргу по Првата светска војна, во декември 1918 година, новата политичка елита во делот на Молдавија кој беше под руска власт одлучи да се обедини со Романија, која самата беше создадена во 1859 година со обединување на две отомански вазални кнежевства, Молдавија и Влашка.

Во 1940 година, во договор со нацистичка Германија, Сталин повторно ја анектирал територијата на Молдавија источно од реката Прут и од неа, заедно со тесен појас на Придњестровје, ја создал Молдавската Советска Република.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Силен земјотрес во Мјанмар: Земјата се тресеше 30 секунди

Таа доби независност во 1991 година, дури и пред официјалниот распад на Советскиот Сојуз.

Долго време ниту во Молдавија ниту во Романија унионистичките идеи играа значајна политичка улога.

И покрај тоа, Русија од 1991 година предупредува за наводното „фашистичко обединување“ на Молдавија и Романија.

Тоа беше, исто така, еден од наративите што придонесе за постепено отцепување на Придњестровје од 1990 до 1992 година – процес што беше проследен со првата руска војна по распадот на Советскиот Сојуз.

Можеби сепак би било подобро…

Во Република Молдавија, според истражувањето од март 2026 година, околу 42 отсто од граѓаните го поддржуваат обединувањето, но сепак мнозинството од 47 отсто не сакаат да се откажат од својот суверенитет и да станат само сиромашна провинција на соседна Романија.

Сепак, бројот на оние кои го поддржуваат обединувањето расте, а во Романија за тоа се залагаат дури 72 отсто од прашаните.

Една од причините за поголемата склоност кон обединување е нападот на Русија врз Украина, што, особено во Молдавија, доведе до промена на расположението кај оние кои сè уште негуваа илузии за Русија.

Покрај тоа, се проценува дека повеќе од една третина од приближно 2,4 милиони жители на Молдавија имаат и романско државјанство.

Романија е несомнено најважниот трговски партнер на Молдавија и и помогна да се ослободи од зависноста од руската енергија и да ја поврзе со европските енергетски мрежи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Германија предупредува: Војната во Иран е закана за глобалната економија

Во почетокот на мај, Сојузот на писателите на Романија и на Република Молдавија во заедничка изјава рекоа: „Време е да се премине од декларации на конкретни чекори. Сепак, ќе биде потребно време за да се постигне таа цел.“

Во уставите на двете земји има високи пречки за обединување, а Молдавија и во тој документ се обврза на воена неутралност.

Но, најголемата непозната е што би се случило со Придњестровје, област која сè уште е под контрола на проруските сепаратисти.

„Целосно зависи од нив“

И покрај се, темата за обединување добива на интензитет.

Така, на пример, молдавските гласачи се важен фактор на изборите во Романија и придонесоа за победата на Никушор Дан 2025 година – против кандидатот на екстремната десница Џорџ Симион, претседател на партијата која, парадоксално, се нарекува Алијанса за обединување на Романија.

Така, Санду и Дан играат важна улога да не ја препуштат темата за обединување на романската крајна десница.

Во Република Молдавија, Маја Санду се соочи со обвинувања за предавство од проруските партии бидејќи се залагала за обединување.

Има и независни критички гласови кои веруваат дека не е соодветно претседателот да се залага за обединување со Романија во екот на напредните преговори за пристапување во ЕУ.

Но, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас не гледа проблем во тоа.

На тоа прашање таа неодамна одговори дека за евентуалното обединување можат да одлучуваат само граѓаните на Република Молдавија и Романија – никој друг.