Три лица се обвинети, а едно лице се бара откако бугарската полиција откри плантажа со канабис во 20 подземни галерии во стар рудник за цинк, објавија официјалните лица.

Заменик-директорот на Генералната дирекција за борба против организираниот криминал, Емил Борисов, изјави дека досега се запленети околу 70 килограми дрога, 600.000 евра во готово и 600 парчиња муниција, објави Ројтерс.
„Поранешниот рудник бил опремен со високотехнолошка инфраструктура и веројатно се користел за производство на големо наменето за шверц во странство“, рече Борисов.

За време на брифингот, заменик-градскиот обвинител Вихар Михаилов истакна дека во рудникот има повеќе од 20 галерии (тунели) и дека сопственикот не е меѓу обвинетите.
На брифингот беа споделени фотографии кои покажуваат дека некои галерии се претворени во оранжерии, а други во живеалишта, кујни, простории за одржување и друго.

„Ова е подземен град со објекти. Истрагата е во тек и веројатно ќе трае со месеци. Очекуваме помош од разни организации, експерти за рударство“, изјави за медиумите заменик-директорот на Дирекцијата за рударство и минерални ресурси Дарин Костов.

Пред неколку дена, софискиот суд објави дека двајца осомничени се во притвор, едниот е во домашен притвор, додека потрагата по четвртиот е во тек, пишува бугарскиот портал 24 Часа.

Едниот од нив е обвинет за поседување дрога за дистрибуција во вкупна количина од 67 килограми и 340 грама, другиот за перење пари и нелегално поседување муниција за огнено оружје, додека сите четворица се обвинети за кривично дело заговор.
Рудникот се наоѓа во близина на селото Гарљано, на само неколку километри од границата со Македонија.

