Портпаролот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, на денешната прес-конференција обвини дека во редовите на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) владеат „сериозна конфузија, некоординираност и очигледен раскол“, посочувајќи на, како што рече, спротивставени јавни ставови околу измените на Законот за Влада.
Мемов истакна дека „во текот на само еден ден, од иста политичка адреса стигнаа различни, меѓусебно неспоиви пораки“, оценувајќи дека наместо јасно дефиниран став, јавноста добила изјави „што се разликуваат и по содржина и по насока“, што, според него, остава впечаток дека во рамки на СДСМ „не постои единствен пристап, ниту координација околу клучните прашања во државата“.
Како пример за тоа, Мемов ја цитираше изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој, како што рече, при посета на оризопроизводителите во Кочанско изјавил: „Ние никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието… Ние ќе излеземе и нема да учествуваме во работата на работната група за Изборниот закон. Не во работата на Собранието.“
Според Мемов, само неколку часа подоцна, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во телевизиско гостување изнел поинаков став, велејќи: „Другите механизми ќе ги најавуваме така како што ќе доаѓа моментот. Во демократијата ниедна демократска метода не се исклучува, ќе се превземаат секако и други чекори кои се можни…“
Од ЗНАМ тврдат дека ваквите различни пораки отвораат сериозни дилеми за вистинската политичка насока на СДСМ. Мемов јавно праша: „Кој ја кажува вистината? Кој е релевантниот став на СДСМ? Кој ја води политиката на партијата – претседателот или координаторот? Има ли кормилар на бродот СДСМ?“
Во однос на изјавите на Спасовски дека немало комуникација и дебата за Законот за Влада, Мемов рече дека „таквото тврдење не соодветствува со фактите“, нагласувајќи дека Спасовски бил директно вклучен во процесот и учествувал на работните средби организирани од Министерство за јавна администрација.
„Господинот Спасовски беше директно вклучен во процесот, учествуваше на работните средби организирани од Министерството за јавна администрација, лично му беа доставени предлог измените и имаше целосна можност активно да се вклучи со свои предлози и забелешки“, потенцираше Мемов.
Тој оцени дека пласирањето на теза за недостиг на дијалог, додека паралелно се најавуваат „други можни чекори“, создава впечаток за „обид за редефинирање на сопствената позиција пред јавноста“, што, според него, „не придонесува кон сериозна политичка дебата, туку отвора сомнеж за недоследност“.
Мемов порача дека ЗНАМ останува на ставот дека институциите мора да функционираат непречено и без, како што рече, дневнополитички калкулации.
„Собранието треба и мора да биде место на аргументирана дебата и носење одлуки во интерес на граѓаните, а не простор за политички маневри“, изјави Мемов.
Тој додаде дека Движење ЗНАМ – За наша Македонија останува доследно на реформите и на, како што рече, „мисијата за стабилна, функционална и европска држава“.
Во продолжение на прес-конференцијата, Никола Мемов посочи дека Движење ЗНАМ – За наша Македонија повторно ги поставува истите прашања до Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), нагласувајќи дека јавноста има право на јасни и искрени одговори.
„Токму затоа, денес повторно ги поставуваме истите прашања“, рече Мемов, по што ги упати следните дилеми:
На што се должи ваквиот пристап на СДСМ и дали зад него стои намера за блокада на процесите, вклучително и работата на работната група за Изборниот законик?
Дали ова е вовед во пошироко сценарио кое подразбира напуштање на законодавниот дом и доведување во прашање на нормалното функционирање на институциите?
Дали вистинската причина е избегнување на соочување со граѓаните на избори на кои се очекува катастрофален пораз на СДСМ?
Дали станува збор за однапред подготвена стратегија за зачувување на внатрешните позиции и влијанието во партијата, наместо за конструктивно учество во демократските процеси?
Мемов порача дека секое избегнување на одговорите, според него, „ја продлабочува дилемата за вистинските намери и насоката на делување на СДСМ“, додавајќи дека ваквиот пристап „не е одговорен и не придонесува кон стабилноста на институциите“.

