Унгарија досега го блокираше заемот од Европската Унија од 90 милијарди евра за Украина.
По победата на опозицијата предводена од Петер Маѓар на изборите во недела, германскиот канцелар Фридрих Мерц инсистира на брзо ослободување на блокадата.
„Средствата за воена поддршка сега мора да бидат брзо исплатени“, рече Мерц за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторник во Берлин.
На Украина, додаде тој, итно ѝ се потребни тие пари бидејќи тоа ќе ѝ овозможи да ја финансира својата одбрана на долг рок.
„Русија треба да го сфати ова сериозно. Со истата цел, ЕУ ќе одлучи и за 20-тиот пакет санкции против Русија, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз Москва“, рече Мерц.
Овој пакет санкции беше блокиран и од Унгарија, потсетува ДПА, и додава дека причината за средбата меѓу Мерц и Зеленски се првите германско-украински владини консултации по многу години.
Канцеларот на Германија изјави дека промените во Будимпешта ќе имаат влијание и врз поддршката за Украина.
Според него, јасно е дека нема неповратен тренд кон десничарски популизам и авторитаризам.
„Клацкалката се враќа назад. Ова е добра вест за цела Европа, добра вест за Германија, но и добра вест за Украина“, рече Мерц.
Унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, го обвини Киев дека го спречува рестартирањето на нафтоводот Дружба од политички причини и затоа го блокира европскиот заем.

