Јавното претпријатие „Куманово гас“ вчеравечер во Занетчискиот дом одбележа 20 години од своето основање.

Претпријатието игра важна улога во енергетскиот сектор во градот, задоволивајќи ги потребите на граѓаните за затоплување, но и на индустриските капацитети за одвивање на нивната дејност.

Директорот Марко Митровски најави дополнителни инвестиции и развој на претпријатието во периодот што следува.
– Очекуваме да се развиваме. Најавивме неколку големи проекти кои треба да се реализираат во наредниот период и секоја наредна година Куманово гас да се искачува уште едно скалило нагоре, а тоа е да се исполни целта, гасификација на територијата на цела општина Куманово, да стигнеме до секое домаќинство, до секоја институција и секое претпријатие, изјави директорот Митровски.
Митровски очекува претпријатието во следниот период да биде рентабилно и само да може да инвестира во ширење на дистрибутивната мрежа.

Првиот директор на Јавното претпријатие, Момчило Мирчевски вели дека целосните инвестиции во претпријатието се од буџетот на општината.
– Централната власт, не само тогаш, и тие после нив, ниту логистичка ниту финансиска помош немавме. Се се сведе на инвестиции од буџетот на Општина Куманово. Гасфикацијата не е поставување кабелска телевизија, ќе закачиме на некоја бандера и ќе пуштиме телевизија. Треба проекти, ревизија на проекти, ископи, градежни дозволи, монтажа, испитувања, така да оние можности што ги имавме мислам дека повеќе не можевме, изјави тој.

На свеченоста присуствуваше и заменик министерот за енергетика и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, кој истакна дека „Куманово гас“ е важна алка во државниот енергетски систем.
– Развојот на дистрибутивните гасни мрежи, зголемувањето на бројот на корисници и подобрување на квалитетот на воздухот се дел од стратешките цели на државата. Природниот гас има важна улога во тој процес. Тој не е спротивност на зелената транзиција, напротив, ова е фаза и мост кон зелената иднина, истакна министерот.

Потребни се милиони евра за да секој дом има гас, рече градоначалникот Максим Димитриевски во своето обраќање.
– Горд сум што успеавме ова јавно претпријатие да го заштитиме од прангите на политиката. Не дозволивме истото да биде оптеретено со безброј вработувања. Истото е на ниво на позитивна рентабилност и таквата состојба дава можност за долгорочна инвестиција и можеби изнаоѓање стратешки партнер, во недостаток тој партнер да биде општината, бидејќи нивото на фискална децентрализација е такво какво што е, рече Димитриевски.

Свечената програма ја увеличаа наставниците од УОМО „Панче Пешев” – Куманово, кои се претставија со нумери од класичната музичка уметност.








Никола Ивановски

