Граѓаните на Данска денес ќе гласаат на парламентарните избори што би можеле да ѝ донесат на премиерката Мета Фредериксен трет мандат.
Според анкетите, социјалдемократите на Фредериксен би можеле да го постигнат најслабиот резултат од Втората светска војна, објави Ројтерс.
Некои гласачи веруваат дека владата не направила доволно за да го заштити данскиот модел на социјална држава, додека други укажуваат на „замор“ на јавноста по речиси седум години нејзино лидерство.
Фредериксен ги распиша изборите неколку месеци пред предвиденото, обидувајќи се да го искористи порастот на поддршката откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно го покрена прашањето за контрола врз Гренланд на почетокот на годината, дури и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила, велат аналитичарите.
Данската премиерка во кампањата нагласи дека нејзиното „искуство и решително лидерство“ можат да ѝ помогнат на земјата од околу шест милиони жители да ги управува сложените односи со Соединетите Американски Држави и да се прилагоди на европскиот одговор на војната меѓу Русија и Украина.
Фредериксен, која ја води Данска од 2019 година, претходно формираше широка влада во која беа обединети левичарските и централно-десничарските партии, но сега се очекува нејзината коалиција да го изгуби парламентарното мнозинство, објави Танјуг.
Анкетите покажуваат дека левичарскиот блок би можел да освои околу 85 места во парламентот од вкупно 179, што е помалку од 90-те потребни за мнозинство.
Сепак, Фредериксен останува фаворит за формирање нова влада, особено поради поделбата на десничарскиот блок.
Едно од клучните прашања на кампањата е предлогот на премиерката за повторно воведување данок на богатство за финансирање на инвестициите во образованието и социјалната заштита, во обид да се зајакне поддршката кај левицата.
Десничарскиот блок го предводи министерот за одбрана Троелс Лунд Полсен од Либералната партија, додека конечниот исход од изборите би можел да зависи од лидерот на центристичките Умерени и поранешен премиер Ларс Леке Расмусен, кој моментално е министер за надворешни работи.
Вкупно 12 партии учествуваат на изборите, додека дополнителни четири пратенички места им припаѓаат на претставниците на Гренланд и Фарските Острови.
Гласачките места се отвораат во 8:00 часот наутро по локално време, а се затвораат во 20:00 часот, по што се очекуваат првите излезни анкети.

