Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ги оцени како „огромен скандал и сериозно мешање во изборниот процес“ наводите дека странски разузнавачки агенти, со помош на унгарски новинар, ги прислушкувале неговите разговори, пренесува MTI.
На прес-конференцијата во Шарвар, Сијарто истакна дека инцидентот е „напад врз суверенитетот на Унгарија“ и дека ги преминал сите граници, бидејќи новинарот соработувал со странски разузнавачки служби и имал врски со најблиските кругови на опозициската партија Тиса.
„Секој што имал наивна илузија за мешање на странски тајни служби во кампањата за парламентарните избори во Унгарија, сега доби доказ“, рече тој, според унгарскиот „Немзет“.
Тој нагласи дека е на функцијата повеќе од 11 години и дека во тој период често се консултирал со странски колеги, нагласувајќи дека прислушувањето претставува директно мешање во унгарската изборна кампања.
Сијарто додаде и дека за време на седниците на Европскиот совет за надворешна политика „не се разменуваат големи тајни“ и дека дипломатската пракса отсекогаш вклучувала консултации со важни меѓународни партнери, вклучувајќи ги Русија, Турција, Израел и САД.
Според него, на состаноците на Европскиот совет на министри за надворешни работи се донесуваат многу одлуки што влијаат на односите на Унгарија со земјите што не се членки на Европската Унија.
„Земјите со кои соработката е од клучно значење за Унгарија, на пример, од економска перспектива, безбедносна перспектива, политичка перспектива, перспектива за снабдување со енергија“, рече унгарскиот министер.
Како што изјави, овие трети земји мора да бидат консултирани за тоа какви одлуки можат или ќе се донесат на овие состаноци на Советот и „нема ништо изненадувачки во тоа“.
„За Унгарија, Русија е важен партнер во соработката, на пример во однос на снабдувањето со енергија… Јас се консултирам и со важни партнери како што се Турците и Израелците. Исто така се консултирам со Американците кога на состаноците на Европскиот совет ќе се појави важно прашање што влијае на унгарско-американската соработка. Се консултирам со сите наши важни партнери“, рече Сијарто.

