Североисточниот плански регион се соочува со сериозен недостиг на услуги за заштита на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство, беше посочено на денешната трибина во Куманово, каде експертите алармираа дека во регионот нема засолниште, ниту функционален кризен центар.
Проектната координаторка при Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Маја Балшиќеска посочи дека инфраструктурата за поддршка во регионот е сериозно ограничена.
– Во овој плански регион имаме само едно советувалиште коешто го раководи хуманитарното здружение „Мајка“, меѓутоа други видови на услуги нема. Центар за жени жртви на насилство, кризен центар немаме, значи ова се формите за привремен престој којшто ги нарекуваме засолниште или шелтер центар секако дека се планира меѓутоа тоа не зависи од нас“, изјави Балшиќеска.
Таа нагласи дека поради ваквата состојба, жените од регионот се принудени да бараат помош надвор од местото на живеење. Засега се користат ресурсите коишто се достапни во Скопје.
Како можен модел за надминување на проблемот, беше посочена меѓуопштинската соработка, која веќе дала резултати во други делови од државата.
– Доколку се здружат околните општини коишто се дел од овој плански регион можеме да го направиме достапен и за корисничките од целиот регион што би било нели многу поисплатливо и попрактично, истакна Балшиќеска.

Од друга страна, претседателката на Хуманитарното здружение „Мајка“, Лидија Илиевски, информираше дека единственото советувалиште во Куманово функционира од 2022 година и нуди повеќе видови поддршка, но ресурсите се ограничени.
– Хуманитарното здружение „Мајка“ веќе во 2022 година воспостави советувалишта за жртви на родово базирано и семејно насилство, комфор зона за жени преку програмата на РЕЛОАД, којашто ја раководеше УНДП и Општина Куманово. До ден денеска се уште постои тоа советувалиште. Подоцна по завршување на проектот продолжи Општина Куманово да го финансира, а сега моментално се финансираме преку мрежата за борба против насилство врз жени и семејно насилство, рече Илиевски.
Сепак, таа потенцира дека клучна алка во системот – кризниот центар – веќе не е во функција.
„Во 2024 година исто така преку програмата за социјална заштита на Општина Куманово воспоставивме и кризен центар. За жал оваа година тој сервис веќе не функционира бидејќи не обезбедивме средства“, рече Илиевски.
Според неа, потребно е вклучување на сите општини од регионот за да се обезбеди одржливост на услугите.
– Сакаме другите општини еве да ги поттикнеме да учествуваат во поддршка на ова советувалиште со тоа што ќе си ги исполнат своите обврски, а истовремено и жените ќе имаат можност каде можат да се обратат бидејќи ни се обраќаат жени од Крива Паланка и од Кратово и Старо Нагоричане. Така да ние и сега им помагаме на тие жени, но кога општината ќе има удел во опстојувањето на ова советувалиште тогаш ќе биде полесно. Исто така институциите коишто работат на оваа проблематика полесно ќе функционираат и ќе ни се обраќаат за нудење на нашите услуги коишто ги нудиме на жртвите, појасни таа.

И покрај ограничените услови, интересот за услугите расте. Лани советувалиштето опфатило 148 жени, а само во првите три месеци од годинава веќе 11 жртви побарале помош.
На трибината беше нагласена потребата од поголема координација меѓу институциите, општините и граѓанскиот сектор, како и обезбедување финансиска поддршка за воспоставување сеопфатен систем за заштита на жртвите на насилство на локално и регионално ниво.
Трибината на тема „Состојба во Североисточниот плански регион во однос на заштита на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство и идни чекори“ се одржа во рамки на проектот „Советувалиште за жртви на родово базирано и семејно насилство – Комфор зона за жени“, спроведен од Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово во партнерство со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Скопје, со поддршка на Австриската агенција за развој (ADA).
Настанот го следеа и претседателката на Советот на Општина Куманово и претставници на општинската администрација, при што беше потенцирана потребата од конкретни чекори за подобрување на состојбата во регионот.
Никола Ивановски

