На територијата на Шар Планина, со помош на трап-камери, неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис, информираат од Национален парк Шар Планина.
Животните се забележани при редовен мониторинг на дел од паркот кој административно припаѓа на Општина Врапчиште.
Со ова откритие, вкупниот број на идентификувани единки на балкански рис на ова подрачје се зголемува од три на пет.

Од паркот посочуваат дека двете нови единки балкански рис се во добра здравствена состојба, што претставува позитивен сигнал за стабилизирање и постепено закрепнување на популацијата на овој редок и загрозен вид.
Надлежните нагласуваат дека ваквите резултати се должат на континуираните активности за заштита на природата и дивиот свет.
Зголемувањето на бројот на рисови, според нив, е јасен показател за ефектот од преземените мерки.

Од Национален парк Шар Планина најавуваат дека ќе продолжат со засилени напори за зачувување на биодиверзитетот и унапредување на екосистемите на планината.
Никола Ивановски

