Серија напади во Нигерија, загинаа најмалку 23 лица

Сподели со своите пријатели

Најмалку 23 лица загинаа, а повеќе од 100 беа повредени во серија самоубиствени напади во градот Маидугури, во североисточна Нигерија, објави денес Дојче Веле (DW).

Нападите се случија во понеделник навечер во главниот град на државата Борно, при што експлозиите го погодија прометниот пазар, влезот на Универзитетската наставна болница и област во близина на поштата.

Портпаролот на полицијата, Наум Кенет Дасо, изјави дека прелиминарната истрага покажала дека нападите биле извршени од бомбаши самоубијци и дека 108 лица се повредени со различен степен на сериозност.

Ниту една група досега не ја презеде одговорноста за нападите, кои следеа по нападот врз воена позиција во текот на ноќта помеѓу недела и понеделник, за кои властите се сомневаат дека се исламистички милитанти.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЕУ е блиску до договор за слободна трговија со Австралија

Безбедносните сили беа распоредени на погодените локации, кои беа блокирани и претресени, а според полицијата, ситуацијата е ставена под контрола.

Мајдугури е епицентар на долгогодишното востание на исламистички групи како што се Боко Харам и Исламска држава на Западна Африка, чија кампања во текот на изминатите две децении одзеде десетици илјади животи и расели милиони луѓе во регионот.