Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, ќе претседава со седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации на 2 март, пренесува Ројтерс.
Станува збор за настан кој, како што е наведено, ќе биде посветен на темата „Деца, технологија и образование во конфликт“, а се очекува фокусот да биде ставен на заштитата на најмладите во воени услови и улогата на образованието во градењето постабилно општество.
Според најавите, во своето обраќање, Меланија Трамп ќе ја нагласи важноста на образованието како клучен механизам за поттикнување на толеранцијата и меѓусебното разбирање во услови на вооружени конфликти и глобални тензии.
Темата на седницата доаѓа во време кога меѓународната заедница се соочува со бројни кризи во кои децата се меѓу најранливите.
Портпаролот на ОН, Стефан Дизарик, изјави дека ова е прв пат во историјата сопругата на американскиот претседател да претседава со седница на Советот за безбедност.
Како што објасни, со тоа тело обично претседава амбасадор или висок претставник на владата на земјата што во тој момент има улога на претседател.
Обединетите нации оценуваат дека присуството на првата дама на чело на сесијата е сигнал за сериозниот пристап на Вашингтон и кон работата на Советот за безбедност и кон темата што ќе се дискутира.
Се потсетува и дека прес-службата на Белата куќа на 12 февруари објави дека Меланија Трамп помогнала во повторното обединување на децата со нивните семејства во Русија и Украина.
Во соопштението се наведува дека ова е трет пат таа да учествува во вакви активности, што се толкува како продолжение на нејзиното вклучување во хуманитарни прашања што се однесуваат на децата погодени од конфликти.

