Законот за заштита од пушење нема да биде одложен и ќе стапи на сила согласно законските рокови, соопштија од Министерство за здравство.
Оттаму нагласуваат дека институцијата останува целосно посветена на неговото донесување и имплементација, без промена на суштината и целите на законското решение.
Во моментов, како што информираат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис-заедницата.
По завршувањето на овој процес, финалната верзија на законот во текот на следната недела ќе биде доставена до Владата.
Од Министерството потенцираат дека направените усогласувања не значат измена на суштината на законот.
Неговите клучни цели остануваат непроменети – спречување на започнување со пушење кај младите, создавање генерации без никотинска зависност и заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во врска со најавите за таканаречена „фазна имплементација“, од Министерството појаснуваат дека тоа не претставува одложување на примената по неговото усвојување во Собранието.
Законот ќе стапи на сила во предвидениот рок, а фазноста се однесува исклучиво на начинот на примена во почетниот период, кој ќе вклучува засилен надзор, информирање и опомени.
Целта на ваквиот пристап, како што наведуваат, е институциите, угостителите и граѓаните полесно да се адаптираат на новите правила, да добијат јасни насоки и поддршка, како и да се изгради одржлива култура на почитување на законските прописи на долг рок.
Министерството за здравство останува отворено за комуникација и најавува дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите наредни чекори во процесот.

