Трамп ја предупреди Велика Британија да не влегува во бизнис со Кина

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Велика Британија да не влегува во бизнис со Кина, откако британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот лидер Си Џинпинг го поздравија обновувањето на односите меѓу двете земји.

За време на премиерата на филмот „Меланија“ во „Кенеди центарот“, Трамп, кога беше замолен од новинар да коментира за најавата на Велика Британија за поголема бизнис соработка со Кина, рече дека е многу опасно да се прави тоа и истакна дека е уште поопасно за Канада да влегува во бизнис со Кина, објави Ројтерс.

За време на тричасовните разговори со Си во Пекинг во четврток, Стармер повика на пониски тарифи и инвестициски договори меѓу Кина и Велика Британија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Уапсен принцот Ендру поради скандалите со Епстин

Стармер им рече на новинарите во авионот на пат кон Кина дека Велика Британија може да продолжи да ги зајакнува економските врски со Кина без да го налути Трамп поради она што тој го нарече „долга историја на тесна соработка“ на Велика Британија со САД.

Трамп се закани дека ќе воведе тарифи за Канада ако ги спроведе економските договори постигнати со Кина за време на неодамнешната посета на канадскиот премиер Марк Карни на Пекинг, објави Танјуг.

Се очекува германскиот канцелар Фридрих Мерц наскоро да отпатува во Кина, а самиот Трамп изјави дека ќе ја посети земјата во април.