Изгласан законот: „Сејф сити“ доби „зелено светло“ да казнува

Сподели со своите пријатели

Со двотретинско мнозинство, Собранието денеска по скратена постапка ги усвои измените и дополнувањата на Законот за прекршоци, со што се создадоа законски предуслови за старт на системот за автоматско евидентирање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, чија примена е најавена од 1 февруари.

За законското решение гласаа 81 пратеник, 19 беа против, а воздржани немаше. На седницата присуствуваа 100 пратеници, додека 20 беа отсутни.

Клучната поддршка за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство дојде од пратеничката група на Левица. Предлог-законот беше поддржан и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, како и од дел од пратениците на Демократската унија за интеграција, односно коалицијата „Европски фронт“.

Против измените гласаа сите присутни пратеници од СДСМ, како и дел од пратениците на ДУИ, односно „Европски фронт“, меѓу кои и неколку поранешни високи функционери.

Со законските измени се воведува посебна постапка за утврдување и санкционирање на сообраќајни прекршоци со помош на технички средства и евиденциски канцеларии.

Целта е побрзо и поефикасно санкционирање, што треба да придонесе за зголемена безбедност и превенција во сообраќајот.

Во првата фаза, системот ќе регистрира четири типа прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, управување возило со истечена важност на сообраќајната дозвола, како и непрописно запирање и паркирање.

Во наредниот период се најавува проширување на опфатот со нови прекршоци.

Откако системот целосно ќе биде ставен во функција, сопствениците на возила за кои е утврден прекршок ќе добиваат известување преку СМС-порака и електронска пошта, со линк за преземање на платниот налог.

Казните ќе може да се плаќаат електронски, без дополнителни трошоци доколку се подмират навреме. За прекршоци за кои е предвидена забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе поднесува барање за постапување до надлежен суд.

Според најавите на МВР, казнување ќе започне од почетокот на февруари.

Никола Ивановски