Сибиха: Илјадници куќи се без греење во Киев на температура од -15 степени

Сподели со своите пријатели

Илјадници домови во Киев се без греење и струја на температури од -15 степени целзиусови, откако Русија ноќва жестоко ја нападна Украина.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денес ги повика светските лидери итно да ја поддржат Украина, преку помош во воздушната одбрана и притисок со санкции врз Русија.

Тој рече дека „нема да има мир во Европа без траен мир за Украина“ и дека најновиот „варварски напад“ на Москва врз Украина е повик за будење за светските лидери што се собираат во Давос.

„Илјадници куќи се без греење во Киев на температура од -15 степени надвор, по масовниот руски напад во текот на ноќта. Воениот злосторник Путин продолжува да води геноцидна војна против жени, деца и стари лица. Нападите врз Киев, Виница, Днепар, Одеса, Запорожје, Полтава, Суми и други региони доведоа до цивилни жртви и штети на енергетската инфраструктура“, рече Сибиха во објава на мрежата X, пренесува Танјуг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  По големиот руски напад, Зеленски го откажа патувањето во Давос и останува во Киев

Во Киев, 5.635 високи згради се без греење утрово како резултат на рускиот напад во текот на ноќта, објави денес градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко.

Тој, исто така, истакна дека левиот брег на Киев е сè уште без водоснабдување како резултат на рускиот напад.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија започнала напад врз Украина преку ноќ, користејќи повеќе од 300 дронови и „значаен“ број балистички и крстосувачки ракети.