Во Општата болница Куманово започна примена на современа хируршка техника за лекување на скршеници на горниот дел од бутната коска — таканаречени проксимални фрактури.
Станува збор за нов метод со „механизам на двојна компресија“, кој, според стручњаците, значително го подобрува процесот на заздравување и овозможува побрзо опоравување на пациентите.
Директорот на болницата Сашо Стошевски, појасни дека оваа техника се однесува на третман на интрамедуларни фрактури, односно скршеници при кои се користи метална шипка што се вметнува во внатрешноста на коската за да ја стабилизира.
– Оваа техника придонесува за висока биомеханичка стабилност, оптимална компресија и, најважно за пациентите, брза постоперативна мобилизација, додаде Стошевски.
Новата метода се применува од тим на обучени хирурзи, ортопеди и трауматолози, а Кумановската болница со тоа станува регионален центар за третман на ваков тип повреди во североисточниот дел од Македонија.
– Оваа е само прва фаза во која ќе бидеме регионален центар за североисточниот дел на Република Македонија, со амбиции да прераснеме во национален центар за проксимален фемур, истакна директорот.
Стошевски нагласи дека оваа новина е дел од континуираната посветеност на установата кон модернизација и унапредување на грижата за пациентите.
– Се стремиме да бидеме лидери во примената на иновативни технологии кои овозможуваат подобри резултати и поквалитетен живот на пациентите, рече тој.
Никола Ивановски

