Поранешните демократски претседатели на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден и Бил Клинтон, го пофалија американскиот претседател Доналд Трамп за помошта во посредувањето за прекин на огнот во војната во Газа, редок пример за двопартиско одобрување на републикански лидер.
„Ги пофалувам претседателот Трамп и неговиот тим за работата за постигнување обновен договор за прекин на огнот“, напиша Бајден на X.
„Длабоко сум благодарен и олеснет што конечно дојде овој ден – за последните 20 живи заложници кои поминаа низ незамислив пекол и конечно се обединија со своите семејства и најблиски, и за цивилите во Газа кои претрпеа неизмерна загуба и сега конечно ќе имаат шанса да ги обноват своите животи“, напиша Бајден на X.
Тој истакнува дека патот до договорот не бил лесен.
„Мојата администрација работеше неуморно за да ги врати заложниците дома, да им обезбеди помош на палестинските цивили и да ја заврши војната. Ги пофалувам претседателот Трамп и неговиот тим за нивната работа за успешно постигнување нов договор за прекин на огнот.“
Тој рече дека Блискиот Исток сега, со поддршка на САД и светот, е на патот кон мир, за кој се надева дека ќе трае, и кон иднина во која Израелците и Палестинците ќе „уживаат еднаква мерка на мир, достоинство и безбедност“.
Клинтон го пофали Трамп за напорите на неговата администрација да посредува во прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, велејќи дека претседателот и регионалните партнери „заслужуваат многу пофалби“ за одржувањето на разговорите на вистинскиот пат.
„Ужасот од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и конфликтот што го обнови доведе до неподнослива загуба на животи“, напиша Клинтон на X. „Беше тешко да се гледа и речиси невозможно да се рационализира“.
„Благодарен сум што е воспоставен прекин на огнот, што последните 20 заложници се ослободени и што многу потребната хуманитарна помош почна да пристигнува во Газа“, продолжи тој.
„Претседателот Трамп и неговата администрација, Катар и другите регионални актери заслужуваат голема пофалба за тоа што ги држеа сите страни ангажирани додека не се постигне договор“.
Клинтон додаде дека Израел и Хамас, со поддршка на САД, регионот и светот, мора да се обидат да го претворат овој „кревок момент во траен мир што ќе им обезбеди достоинство и безбедност и на Палестинците и на Израелците“.
„Верувам дека можат да го сторат тоа, но само ако го сторат заедно“, рече Клинтон.
Пофалбите за Трамп доаѓаат по години конфликт меѓу него и семејството Клинтон.
Конфликтот произлегува од неуморните напади на Трамп врз Хилари Клинтон за време на претседателската кампања во 2016 година, кога ја нарече поранешната државна секретарка „Измамничка Хилари“.