Белата куќа го објави договорот, потпишан на мировниот самит во Газа во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик, со кој се формализира план за постигнување мир на Блискиот Исток, наречен „Мировен договор на Трамп“
Договорот во Шарм ел-Шеик, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп, го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а во него потписниците се обврзуваат на „историска посветеност“ за негово спроведување.
Со ова се стави крај на повеќе од две години длабоко страдање и загуби и се отвори ново поглавје за регионот, дефинирано со надеж, безбедност и заедничка визија за мир и просперитет, објавува Танјуг.
„Ги поддржуваме и стоиме зад искрените напори на претседателот Трамп да ја заврши војната во Газа и да донесе траен мир на Блискиот Исток, и заедно ќе го спроведеме овој договор на начин што ќе обезбеди мир, безбедност, стабилност и можности за сите народи во регионот, вклучувајќи ги Палестинците и Израелците“, се наведува во договорот.
Се додава дека потписниците разбираат дека траен мир ќе биде оној во кој и Палестинците и Израелците можат да напредуваат со заштита на нивните основни човекови права, гарантирана безбедност и почитување на достоинството.
Потврдуваме дека значителен напредок е постигнат преку соработка и одржлив дијалог и дека зајакнувањето на врските меѓу народите им служи на трајните интереси на регионалниот и глобалниот мир и стабилност. Го препознаваме длабокото историско и духовно значење на овој регион за религиозните заедници чии корени се испреплетени со земјите во него – меѓу нив христијанството, исламот и јудаизмот“, се наведува во договорот.
Почитувањето на овие свети врски и заштитата на нивните места на наследство остануваат најважни во посветеноста на мирниот соживот, се додава во него.
„Обединети сме во нашата решеност да го демонтираме екстремизмот и радикализацијата во сите негови форми. Ниту едно општество не може да напредува кога насилството и расизмот се нормализираат или кога радикалните идеологии го загрозуваат ткивото на граѓанскиот живот. Се обврзуваме да се справиме со условите што го овозможуваат екстремизмот и да го промовираме образованието, можностите и меѓусебното почитување како темели на траен мир“, се наведува во договорот. Понатаму се наведува дека потписниците се обврзуваат да „решат идните спорови преку дипломатски ангажман и преговори, а не преку сила или долготрајни конфликти“.
„Свесни сме дека Блискиот Исток не може да толерира континуиран циклус на долготрајно војување, застој во преговорите или фрагментирано, нецелосно или селективно спроведување на успешно договорените услови. Трагедиите на кои бевме сведоци во изминатите две години мора да послужат како итен потсетник дека идните генерации заслужуваат подобро од неуспесите од минатото“, се вели во документот.
Исто така, потписниците ветија дека ќе се залагаат за „толеранција, достоинство и еднакви можности за секој човек, осигурувајќи дека овој регион е место каде што секој може да ги оствари своите аспирации за мир, безбедност и економски просперитет, без оглед на раса, религија или етничка припадност“.
„Се стремиме кон сеопфатна визија за мир, безбедност и заеднички просперитет во регионот, врз основа на принципите на меѓусебно почитување и заедничка судбина. Во овој дух, го поздравуваме напредокот постигнат во воспоставувањето сеопфатни и трајни мировни договори во Појасот Газа, како и пријателски и меѓусебно корисни односи меѓу Израел и неговите регионални соседи“, се наведува во документот.
Во договорот, потписниците ветија дека ќе „соработуваат во спроведувањето и одржувањето на ова наследство, градејќи институционални темели врз кои идните генерации можат да напредуваат заедно во мир“, како и да останат посветени на „иднина на траен мир“.
Во Шарм ел Шеик се одржа мировен самит за Газа, на кој присуствуваа лидери од триесет земји, а тие разговараа за мировниот предлог на Трамп за Газа и за прекин на конфликтот меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.