Јапонските власти транспортираа контаминирана почва од префектурата Фукушима до дворот на канцеларијата на премиерот Шигеру Ишиба во Токио, во обид да ги ублажат безбедносните загрижености околу нејзината употреба во јавни работи.
Околу 20.000 кубни метри почва, собрана за време на деконтаминацијата во близина на нуклеарната централа Фукушима Даичи, ќе биде распослана во слој дебел 60 сантиметри под тревникот на комплексот владини згради, објави Министерството за заштита на животната средина, објави Кјодо.
Станува збор за земјиште со ниско ниво на радиоактивност, кое ќе биде покриено со дополнителен слој почва и под постојано следење на нивото на зрачење.
Ова е прв пат такво земјиште да се користи надвор од префектурата Фукушима.
Владата се надева дека овој симболичен чин ќе ја демонстрира безбедноста на користењето на контаминирана почва, со цел да се отстранат пречките за нејзина употреба низ целата земја – првенствено во инфраструктурни проекти.
Досега, ваквите планови наидоа на силен локален отпор, соопшти агенцијата.
По нуклеарната катастрофа во 2011 година, предизвикана од земјотресот и цунамито, во Фукушима беа собрани вкупно 14,1 милиони кубни метри контаминирана почва.
Владата планира да го премести тоа земјиште надвор од префектурата до март 2045 година.
Според сегашните стандарди, почвата со радиоактивен цезиум под 8.000 бекерели на килограм може да се користи во градежништвото и инфраструктурните работи.
Во моментов, околу 75 проценти од складираната почва во Фукушима ги исполнува тие критериуми, пренесува Танјуг.