Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Вероник Улман, денес беше во официјална посета на Општина Куманово и ТППЕ Куманово.
Во прсоториите на општината, амбасадорката Улман се сретна со градоначалникот Максим Димитриевски.
– Разговорите се одвиваа во духот на унапредување на меѓусебната соработка, со фокус на тековните предизвици поврзани со шумските пожари, како и мерките што се преземаат на локално ниво. На средбата се дискутираше и за реализацијата на заедничките проекти помеѓу општината и швајцарските институции, кои, според двете страни, веќе покажуваат позитивни резултати во областа на кризниот менаџмент и заштитата на животната средина, велат од кабинетот на градоначалникот.
Во рамки на посетата, амбасадорката Улман ја посети и Територијалната противпожарна единица во Куманово, каде што имаше можност да се запознае со конкретната примена на донацијата обезбедена преку швајцарската поддршка — специјализирана опрема и три интервенциски возила за гаснење на пожари.
– Оваа средба ја потврди заедничката заложба за унапредување на безбедноста, соработката и ефикасното справување со кризите, стои во соопштението.
Никола Ивановски