Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на денешната прес конференција информираше за важните одлуки кои ги донел Централниот одбор, во проширен состав, на вчершната седница.
„Нашиот политички ангажман не е декларативен, тој е длабоко врзан со интересите на граѓаните и со иднината на секоја општина во нашата држава. Ние не сме тука поради политичка кариера, туку поради визија, визија за европска, праведна и храбра Македонија“ рече портпаролот на партијата Никола Мемов.
„Централниот одбор донесе едногласна одлука за почеток на вториот бранна активности, под мотото: „Со срце за нашата општина“, информира Мемов.
Тој нагласи дека ова не е формалност.
„Ова е продолжение на она што веќе го направивме, успешната кампања „Заедно повеќе знаеме“ – кампања што не донесе само резултати, туку доверба, надеж и чувство дека народот повторно има со кого. Во изминатиот период, ги посетивме сите населени места. Се сретнавме со стотици граѓани. Ги слушавме реалните проблеми, не преку извештаи, туку директно од луѓето, нивните маки и надежи. Ниту една теренска активност не беше маркетинг. Се беше искрено.Се беше вистински разговор. Се беше, народ и движење, лице во лице“ рече портпаролот Мемов.
Тој нагласи дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сега оди понатаму.
„„Со срце за нашата општина“ не значи само дека ќе бидеме присутни, туку дека заедно со граѓаните ќе ја создадеме најавтентичната, најчесната и најреалната програма за претстојните локални избори. Ние не водиме кампањи од фотелја, туку директно од терен. Караванот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе го посети секој град, секое населено место, ќе влеземе во секоја месна заедница и заедно со граѓаните ќе ја напишеме програмата за локалните избори. Тоа е нашата сила, автентичност, транспарентност и блискост со народот“, додаде Мемов.
„Доста беше со празни ветувања и маркетиншки балони. Ние не ветуваме што не можеме да оствариме. Што ќе ветиме – тоа ќе го реализираме! Затоа што нашата политика не се темели на желби на моќници, туку на реални потреби на граѓаните! ЗНАМ веќе покажува резултати. Покажавме дека може да се води поинаку, чесно, праведно, храбро.На локалните избори оваа есен, граѓаните ќе имаат вистински избор, да го поддржат овој искрен, решителен пристап за промена. Македонија во која законите важат за сите, каде што секој има право, но и одговорност“.
Мемов исто така информира дека Централниот одбор донел значајна одлука – за отпочнување постапка за евидентирање на кандидати за советници за локалните избори.„Само чесни и посветени луѓе, со силна морална и етичка основа, ќе го понесат товарот на одговорноста пред државата и граѓаните.
Критериумите за истите се јасни и недвосмислени:
➤ Етички капацитет,
➤ Јасна заложба за заштита на државните интереси,
➤ Почитување на сите етнички заедници,
➤ Посветеност на европските вредности.
На вчерашната седница, Централниот одбор во проширен состав, како што рече портпаролот на ЗНАМ, Мемов, го назначил Горан Минчев, генералниот секретар на партијата, за шеф на Централниот изборен штаб. Одлука, која како што нагласи Мемов, се темели на резултати, а следната битка ќе се води за граѓаните, за Македонија.
Мемов на прес конференцијата ги информираше новинарите за значајниот партиски настан што ќе се одржи за седум дена.
„На 29 јуни, во недела, Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе го одржи Вториот изборен Конгрес, на кој ќе бидат избрани Претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат. Тоа нема да биде само формална процедура – тоа ќе биде пресвртница. Потврда дека ЗНАМ влегува во нова фаза – уште поорганизирана, уште посилна и уште поодлучна да ја промени Македонија.Ветуваме чесност. Ветуваме борба.Ветуваме резултати.И нема да застанеме додека секоја општина не стане вистинско место за достоинствен живот. Со срце, со визија, со храброст. Со народот, за Македонија“, рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.
Запрашан дали партијата има веќе одредено кандидати за градаоначалници во кои општини, Мемов одговори:
„Централниот одбор, во проширен состав, на синоќешната седница донесе одлука за отпочнување на процедура за евидентирање на кандидати за советници, како за општините во Македонија, така и за градот Скопје. Во делот за градоначалници, во тек се разговори со нашиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ и очекуваме тие разговори да завршат кон крајот на месецот. Разговараме за повеќе општини, дефинирано е Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе го имаме конечниот договор со владиниот партнер, низ процедурите на органите на партијата ќе бидат дефинирани кандидатите и ќе бидат соопштени во јавноста“.
На прашањето дали се разговара и за Општина Центар, Мемов одговори потврдно.
Запрашан што точно преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе одат со заеднички кандидати, со заеднички листи или пак се преговара за поддршка во втор круг, портпаролот на ЗНАМ, Мемов рече:
„Ставот на Движењето ЗНАМ е дека на овие избори ќе настапиме самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници. Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник од ЗНАМ, во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе биде поддржан од нивна страна и тие нема да имаат кандидат во тие општини. Зборуваме за целосна взаемна поддршка на кандидатите уште во првиот круг“.