Иран предложи состанок со европските страни од нуклеарниот договор од 2015 година, можеби уште овој петок во Рим пред новите преговори со Соединетите Американски Држави, изјавија четворица дипломати, предупредувајќи дека сè уште нема одговор од Европејците на тој предлог, пренесува Хина.
Иран сака да го искористи моментумот од нуклеарните разговори со САД што продолжија во Оман во саботата, по разговорите со Русија и Кина минатата недела.
Омански претставници изјавија дека нова рунда разговори меѓу САД и Иран би можела да се одржи на 3 мај во Европа.
Но, не е донесена официјална одлука.
Преговорите беа сериозни и професионални
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во саботата по третата рунда преговори во Оман изјави дека „преговорите се одржале многу сериозно и професионално“.
Арагчи додаде дека била дискутирана и методологијата и дека фокусот е ставен на утврдување на спорните точки со цел постепено да се разјаснат во следните рунди преговори.
Според американскиот претседател Доналд Трамп, главната цел на преговорите е да се спречи Техеран да развие нуклеарна бомба.
Доколку преговорите не успеат, тој му се закани на Иран со воена акција.
Иран тврди дека не развива нуклеарно оружје и не сака целосно да се откаже од цивилната нуклеарна технологија.