Суданската паравоена организација Сили за брза поддршка (РСФ) денеска најави формирање на паралелна влада во опозиција на владата во Картум, две години по почетокот на граѓанската војна во земјата.
Водачот на РСФ Мохамед Хамдан „Хемедти“ Дагало рече дека групата „ја гради единствената вистинска иднина на Судан“ и „правна држава, а не држава во која владеат поединци“.
„Ние не бараме доминација, туку единство. Веруваме дека ниту едно племе, регион или религија нема монопол врз суданскиот идентитет“, објави тој на Телеграм.
Тој додаде дека неговата влада ќе обезбеди основни услуги како што се образованието и здравствената заштита не само на областите контролирани од РСФ, туку и на целата земја, јавува Би-Би-Си.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат, а суданската армија соопшти дека ги бомбардирала позициите на РСФ надвор од градот Ел-Фашер, принудувајќи стотици илјади луѓе да го напуштат бегалскиот камп Замзам.
На меѓународната конференција во Лондон во вторникот, по повод втората годишнина од почетокот на граѓанската војна во Судан, Европската унија и Велика Британија ветија дека ќе ја зголемат помошта.
Европската унија и нејзините земји-членки ветија над 522 милиони евра за решавање на кризата, додека Велика Британија најави дополнителни 120 милиони фунти помош.
Досега загинаа десетици илјади луѓе, речиси 13 милиони од нив се раселени, а четири милиони од нив се преселиле во соседните земји.
Речиси половина од вкупното население, околу 25 милиони луѓе, немаат доволно храна, а во неколку региони официјално е прогласен глад.
Конфликтот датира од 2019 година, кога лидерот на армијата, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан и лидерот на РСФ, генералот Мохамед Хамдан Дагало, заеднички го соборија долгогодишниот лидер Омар ал-Башир.
Нивната соработка заврши во 2023 година, што доведе до отворена војна.
РСФ е обвинета за бројни напади врз населението, вклучувајќи етничко чистење, групни силувања и убиства, пренесува Танјуг.