Либанската милитантна група Хезболах е подготвена да разговара за своето разоружување со либанскиот претседател Џозеф Аун доколку Израел се повлече од јужен Либан и ги запре нападите, изјави за Ројтерс неименуван висок функционер на Хезболах.
Официјалниот претставник изјави дека Хезболах е подготвен да преговара за неговото разоружување, но дека пред тоа Израел мора да се повлече од пет точки во јужен Либан.
Аун, кој во јануари кога ја презеде функцијата вети дека ќе воспостави државен монопол на контролата на оружјето, има намера наскоро да започне разговори со Хезболах за разоружување на групата, изјавија три либански политички извори.
Израел, кој испрати копнени трупи во јужен Либан за време на конфликтот со Хезболах, главно ги повлече војниците, но во февруари одлучи да не напушта пет позиции.
Израелската армија најави дека има намера на крајот да ги предаде тие позиции на либанската армија, откако ќе се увери дека безбедносната ситуација тоа го дозволува.
Хезболах излезе од конфликтот со Израел во 2024 година сериозно ослабен, бидејќи беа убиени највисоките лидери на групата и илјадници нејзини борци, додека голем дел од ракетниот арсенал беше уништен.
Либанската милитантна група дополнително беше ослабена кога нејзиниот сојузник, претседателот Башар ал-Асад беше соборен од власт во Сирија во декември, по што беа прекинати каналите за снабдување со оружје на Хезболах од Иран.