Израелската војска го објави првиот официјален извештај за грешките што доведоа до неуспех за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Во извештајот се заклучува дека израелските одбранбени сили (IDF) „не успеале во својата мисија да ги заштитат израелските цивили“.
Документот од 19 страници во голема мера ги потврдува веќе познатите факти за причините за катастрофалната загуба на околу 1.200 животи, кога приближно 5.000 вооружени членови на Хамас и други палестински групи го нападнаа Израел, земајќи 251 заложник во Газа.
Иако не дава драматични откритија, извештајот јасно покажува како израелската војска погрешно ги проценила намерите на Хамас и ги потценила неговите способности.
Потценување на заканата од Газа
Израелската војска ја сметаше Газа за секундарна безбедносна закана, а главна закана беа Иран и Хезболах.
Нејзината политика кон Газа е опишана како „парадоксална: Хамас беше нелегитимен, но немаше обид да се развие алтернатива“.
Војската избраla пристап за „управување со конфликти“ кон Газа и претпоставуваla дека Хамас „не е заинтересиран ниту се подготвува за војна од големи размери“, перцепција дополнително засилена со тактиката на измама на Хамас.
Доказите од 2018 година сугерираа дека Хамас, кој се смета за терористичка организација од Израел, САД, Велика Британија и други земји, развива амбициозен план, но тој беше протолкуван како „нереален или неостварлив“ и беше сфатен како „долгорочна амбиција на Хамас, а не конкретна закана“.
Во месеците пред војната, Управата за разузнавање на израелската армија почнала да развива нова проценка, според која планот на Хамас не бил само визија, туку „конкретна рамка за оперативно планирање“.
Сепак, оваа нова оценка не им била соопштена на високи претставници на военото разузнавање.
Недостаток на критичко размислување
Извештајот идентификува широко распространето самозадоволство во војската во врска со намерите на Хамас и како да се справи со заканата.
„Никогаш немаше сериозна дискусија за прашањето: Што ако грешиме?“
Со текот на времето, се разви „значаен и континуиран јаз помеѓу разузнавачките проценки за Хамас и реалноста“.
Извештајот, исто така, укажува дека има „намалување на длабочината на разбирањето на светогледот на непријателот, вклучувајќи ја културата, религијата, јазикот и историјата“.
Затоа, повикува на длабока реформа во военото разузнавање за да се поттикне „интелектуална отвореност, скептицизам, слушање, учење, дебата и конструктивно несогласување“.
Доцнење со подигање на нивото на тревога
Во извештајот се наведува дека желбата да се заштитат вредните разузнавачки извори придонела војската да не го подигне нивото на тревога непосредно пред 7 октомври. Таа, исто така, признава дека дивизијата на ИДФ задолжена за Газа „беше практично поразена неколку часа“ на 7 октомври, што значително ја наруши нејзината способност да разбере што се случува и да одговори адекватно.
Израелските воздухопловни сили реагираа брзо, но имаа „значителни тешкотии да разликуваат војници на ИДФ, цивили и терористи“.
Извештајот, исто така, открива дека во некои случаи ранетите војници биле евакуирани пред цивилите.
Одговорност на военото раководство
По презентирањето на наодите пред командантите во понеделникот, началникот на Генералштабот на ИДФ во заминување, генерал-полковник Херзи Халеви, ја презеде целосната одговорност за неуспесите.
„Јас ја преземам одговорноста. Тоа е мое. Јас бев командант на армијата на 7 октомври и имам своја, но и ваша одговорност. Сметам дека е и моја. И во секоја наредба што тргна наопаку, јас имам свој дел”, рече тој во видео пораката.
Минатиот месец Халеви ја објави својата оставка поради неуспехот да ги спречи нападите и повика на формирање на истражна комисија, која ќе спроведе поширока анализа и ќе помогне да се спречат нови напади.
Нетанјаху одбива да ја преземе одговорноста за неуспесите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не призна никаква одговорност за неуспесите на 7 октомври, рече дека државната истрага треба да почека до крајот на војната.
Неговите критичари го обвинуваат дека одбива да признае каква било лична одговорност.
Војната во Газа и бројот на жртви
Израел одговори на нападот на 7-ми октомври со покренување воздушна и копнена офанзива врз Газа, при што, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, загинаа најмалку 48.365 луѓе.