Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти го убедил американскиот претседател Доналд Трамп да не води трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.
– Не можете да имате трговска војна со Кина и Европа во исто време, се надевам дека го убедив во тоа – изјави Макрон за Фокс њуз по средбата со Трамп во Вашингтон.
Макрон изјави дека за Вашингтон „приоритет е да се воведат царини за Кина“ и дека истовремено водење трговска војна со Европа би било против интересите на САД, пренесува бриселскиот портал Политико.
Францускиот претседател рече дека се обидел да го убеди Трамп да не воведува царини, нагласувајќи дека Европа не направила ништо за да ја заслужи американската одмазда.
– Му кажав на Трамп дека ДДВ не е царина и дека Европската унија никогаш не воведувала царини за увоз од Америка – објави Макрон.
Тој нагласи дека европските земји нема да можат да ги зголемат трошоците за одбрана, како што бара Трамп, доколку се соочат со трансатлантска трговска војна.
– Како мислите дека треба да ги зголемиме трошоците за одбрана и безбедност ако сме во трговска војна – рече Макрон.
Макрон и Трамп во понеделникот се обидоа да го убедат светот во нивната посебна врска, разменуваа комплименти, прегратки и шеги, но очигледно беше дека не се согласуваат како да се стави крај на руско-украинската војна и како да се спречи трансатлантска трговска војна, пишува Politico.
Францускиот претседател денеска ќе ги информира лидерите на земјите-членки на ЕУ за неговата средба со Трамп.