Рускиот финансиски пазар забележа силен пораст по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, што ги поттикна шпекулациите за ублажување на санкциите, објави Њујорк Тајмс.
Главниот индекс на Московската берза вчера порасна за повеќе од пет отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од минатото лето.
Во исто време, руската валута зајакна за повеќе од три отсто во однос на доларот, со што се надополнија дел од загубите направени од почетокот на војната во Украина.
„Вредноста на руските инвестициски средства и рубљата нагло пораснаа денес. Оваа реакција на пазарот ги одразува надежите за обновување на политичкиот дијалог меѓу Русија и САД и намалување на геополитичките тензии“, рече Олег Кузмин, главен економист во инвестициската банка Renaissance Capital.
Сепак, како што пишува весникот, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјавил дека Трамп и Путин не разговарале за укинување на санкциите и покрај тоа што економијата е една од темите на нивниот разговор.
Економските експерти предупредуваат дека понатамошниот раст ќе зависи од исходот на преговорите за ставање крај на конфликтот во Украина.
Посилната рубља би можела да помогне во намалувањето на инфлацијата, која достигна 9,5 отсто во 2024 година, но долгорочната стабилност ќе зависи од натамошните политички и економски потези.