Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко денеска изјави дека ситуацијата на Балканскиот Полуостров станува се посериозна поради политиката на САД, НАТО и Европската унија.
Грушко во интервју за ТВ каналот „Русија 24“ изјави дека западните земји вршат постојан притисок врз Србија да ја тргне од сегашната позиција, користејќи ги сите расположливи средства, вклучително и „поткопување на внатрешната стабилност“.
„Ситуацијата на Балканот се влошува и станува се поакутна како резултат на намерната политика на земјите од НАТО, Европската унија и САД. Овие земји вршат притисок врз Србија да ја признае независноста на Косово и да се приклучи на антируските санкции“, рече Грушко, пренесе РИА Новости.
Тој, исто така, укажа на обидите на Западот да ја дестабилизира ситуацијата во Косово, наведувајќи дека тамошното раководство се чувствува неказниво со поддршка од Западот.
Грушко посочи дека истиот притисок се врши и врз Босна и Херцеговина, каде, како што рече, има „нескриен притисок врз Република Српска и обиди да се одземат правата на српскиот народ“.
Таквата политика го демонстрира лицемерното однесување на Западот, кој иако постојано тврди дека ја почитува слободата на избор, во реалноста не им дозволува на независните земји сами да носат одлуки“, заклучува Грушко.
Кога станува збор за членството на Украина во НАТО, Грушко рече дека Русија ќе бара „цврсти гаранции“ кои го исклучуваат пристапот на Украина во НАТО, бидејќи таквиот потег ќе го оневозможи постигнувањето мир.
„Приклучувањето на Украина во НАТО е еден од клучните елементи на можните договори за решавање на конфликтот во Украина. Ќе бараме правни гаранции кои би го исклучиле членството на Украина во НАТО во која било форма и ќе инсистираме тоа да стане официјална политика на алијансата“, рече Грушко, а пренесува Тасс.
Тој нагласи дека приемот на Украина во НАТО ќе ја исклучи можноста за постигнување мир во Украина и ќе создаде пречки за формирање стабилен безбедносен поредок во регионот.
Грушко додаде дека, според неговите информации, „голем број земји од НАТО имаат ист став“.
Коментирајќи ја изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој посочи дека мировните преговори за Украина треба да се засноваат на одложување на приемот во НАТО, Грушко рече дека Фицо е „апсолутно во право“.
Тој укажа и на „катастрофалната одлука“ од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога алијансата им вети на Украина и Грузија дека ќе станат членки на НАТО.
Грушко истакна дека присуството на оваа формулација во документите на НАТО е неприфатливо, бидејќи создава несигурност во процесот на решавање на конфликтот во Украина, пренесува Танјуг.