Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека Русија се надева оти договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас ќе помогне да се создадат услови за решение на палестинскиот проблем.
„Се надеваме дека спроведувањето на договорот ќе стане важен практичен чекор кон долгорочно стабилизирање на ситуацијата во зоната на палестинско-израелската конфронтација“, рече таа на прес-конференција, додавајќи дека тоа исто така ќе создаде предуслови за подобрување на ситуацијата. во целиот регион на Блискиот Исток, вклучително и Либан, Сирија и Јемен, објави агенцијата Риа Новости.
Захарова додаде дека Русија се надева дека склучувањето на овој договор ќе придонесе за формирање на неопходните услови за процесот на сеопфатно политичко решение на палестинскиот проблем на меѓународно призната правна основа.
„Крајната цел е создавање на независна палестинска држава во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град, која коегзистира во мир и безбедност со Израел“, заклучи рускиот претставник.
Израел и Хамас вчера со посредство на Катар и Египет постигнаа договор за прекин на огнот по 15 месеци војна во Појасот Газа, како и за размена на израелски заложници и палестински затвореници, пренесува Танјуг.