Повеќе од половина од германските граѓани се плашат од радиоактивно зрачење како резултат на вооружени конфликти, покажа истражувањето на јавното мислење на Федералната канцеларија за заштита од радијација (BfS) објавено во вторникот.
„Стравот е директно поврзан со војната во Украина“, вели директорката на BfS, Инге Паулини.
Според резултатите од истражувањето, 58 отсто од граѓаните стравуваат од радиоактивно зрачење како последица на нуклеарен конфликт, додека во исто време 57 отсто од анкетираните стравуваат од радијација предизвикана од несреќа во атомска централа.
„Од избувнувањето на војната во Украина во февруари 2022 година, перцепцијата за опасноста од радијација значително се промени. Тоа не е поврзано само со стравот од употреба на нуклеарно оружје, туку и со дефект на атомските централи во воена зона, како што е атомската централа во Запорожје“, рече Паулини при објавувањето на резултатите од истрагата.
Во предизборната кампања за предвремените избори што ќе се одржат на крајот на февруари, две популистички партии од десниот и левиот спектар, Алтернатива за Германија и Алијансата Сахра Вагенкнехт, ја тематизираат опасноста од нуклеарен конфликт, кој, според нив, се зголеми поради германската помош за Украина.
Во истото истражување, 22 отсто од граѓаните посочиле дека се штитат и од негативното зрачење кое доаѓа од мобилните телефони.