Во наредните денови САД ќе воведат финансиски санкции против српската нафтена компанија НИС, која е во мнозинска сопственост на руски Гаспром Нефт и Гаспром, изјави во петокот српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Добивме потврда дека САД ќе воведат санкции кон НИС во следните неколку дена поради руската сопственост“, изјави Вучиќ за ТВ Информер.
Тој рече дека Велика Британија и Европската унија најверојатно ќе ги следат САД во воведувањето санкции, што може да значи прекин на испораката на нафта преку нафтоводот од Хрватска.
„Се уште чекаме да добиеме официјален документ со детали“, изјави Вучиќ. Министерството за финансии на САД сè уште не одговорило на барањето за коментар.
Србија постојано ја осудуваше руската инвазија на Украина во Обединетите нации и други меѓународни форуми, но се спротивстави на притисокот на Западот да воведе санкции кон Русија.
Оваа балканска земја зависи од рускиот гас.
Руски Гаспром Нефт и Гаспром поседуваат 50 и 6,15 отсто од НИС, соодветно.
Државата поседува 29,87 отсто, додека малите акционери ги поседуваат останатите акции.
„Ќе треба да видиме дали има можност да се намали руската сопственост под 50 отсто и да разговараме за тоа со руските партнери“, рече Вучиќ.