Русија ја обвини Украина за напад на возило со нуклеарни експерти на ОН

Сподели со своите пријатели

Русија во средата ги обвини украинските вооружени сили дека на 10 декември нападнале автомобил што се користел за транспорт на експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), велејќи дека некој можел да биде убиен.

Loading...

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, на денот на инцидентот изјави дека во вторникот беспилотно летало погодило и сериозно оштетило службено возило на агенцијата на патот кон украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска контрола, но дека нема жртви.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш изјави дека тоа е намерен руски напад што покажува дека Москва воопшто не го почитува меѓународното право и институциите.

Меѓутоа, руското Министерство за надворешни работи во средата објави дека Украина го нападнала тоа возило.

„Околу 15 часот, возило на МААЕ кое се користело за транспорт на експерти од секретаријатот на агенцијата било нападнато на територијата контролирана од Киев“, соопшти Министерството.

„Во 16 часот и 37 минути Украина нападна руски конвој кој се враќаше од населбата Каменскоје, откако на контактната линија донесе експерти од секретаријатот на МААЕ.

Ја споделуваме огорченоста на раководството на агенцијата (МААЕ) поради овие провокативни и непромислени дејствија на режимот во Киев, кој не само што продолжува да врши злосторства со закани и напади врз руски нуклеарни постројки, туку и се осмелува да го стави персоналот на меѓународната организација и рускиот воен персонал на ротација во смртна опасност“, се вели во соопштението.

Русија ја зазеде централата Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, набргу откако нејзините сили влегоа во Украина во февруари 2022 година.

Loading...

И двете страни во 33-месечната војна оттогаш меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата и за загрозување на нуклеарната безбедност.