Британската сопруга на соборениот сириски лидер Башар ал Асад е санкционирана личност и „не е добредојдена овде во Британија“, изјави министерот за надворешни работи Дејвид Лами.
Коментарите на Лами доаѓаат откако премиерот рече дека е премногу рано да се каже дали владата ќе ѝ го одземе британското државјанство на Асма ал Асад.
Таа е родена во Лондон во 1975 година и пораснала и се школувала во градот.
Се верува дека сега е во Москва со сопругот, каде што побегнал сменетиот лидер.
По брзиот колапс на режимот на Ал Асад, коалицијата на бунтовнички групи ја презеде контролата врз Дамаск во неделата.
Одговарајќи на прашања во долниот дом на парламентот во понеделникот вечерта, Лами рече:
„Во текот на изминатите неколку дена видов дека Асма Асад се споменува како некој со британско државјанство кој можеби се обидува да влезе во нашата земја и сакам да се потврди дека таа е санкционирана личност и не е добредојдена овде во Британија“.
Запрашан за можноста владата да ѝ го одземе британското државјанство на Асми ал Асад, британскиот премиер Кир Стармер изјави за радиодифузерите:
„Ние сме уште далеку од да одлучиме што било. Во моментов сме во ситуација која брзо се менува и затоа е многу важно за нас да продолжиме да разговараме со нашите сојузници за да се увериме дека она што ќе се случи понатаму е мирно“.
Британскиот министер за меѓувладини прашања, Пат Мекфејден, претходно во понеделникот изјави за програмата Today на BBC Radio 4 дека владата немала „никаков контакт или барање“ Асма ал-Асад да дојде во Велика Британија.