Трите главни партии во Ирска се речиси изедначени на анкетите пред општите избори во петок, бидејќи премиерот Сајмон Харис се обидува да ја ограничи штетата на неговата кампања од интеракцијата со вработен во домот за нега со хендикеп, објави Гардијан.
Во видеото кое стана вирално откако беше објавено во петокот, работничката Шарлот Фалон го обвини Харис дека не прави ништо за нејзиниот сектор, додавајќи дека не е убедена дека навистина ќе се случи промена доколку тој се врати на власт.
Харис неколку пати рече „тоа не е вистина“ пред да ѝ подаде рака и да си замине. Оттогаш тој неколку пати се извини.
Во понеделникот тој ја призна грешката и рече дека разговарал со Фалон и ѝ се извинил.
„Не ги исполнив сопствените стандарди, а камоли туѓите“, вели тој во интервју за телевизијата РТЕ, додавајќи дека е особено лут на себе бидејќи има брат со посебни потреби.
„Бев 16-годишен тинејџер и ја гледав сопствената мајка како плаче поради фрустрацијата затоа што е мајка на дете со посебни образовни потреби. Знам како е тоа“, рече тој.
Во интервју за радиото Корк тудеј, Фалон рече дека е крајно време владата да се справи со разликата во платите меѓу луѓето кои работат со лица со посебни потреби и оние кои се вработени на друго место во ирската здравствена заштита.
Фин Гаел, централно-десничарската партија предводена од Харис, која изгледаше речиси сигурно дека ќе излезе на првото место во анкетите, сега е под притисок.
Анкетата на „Irish Times“ во понеделникот покажа дека Фајн Гаел го загуби водството од пред две недели, паѓајќи за шест проценти.