Три физички и три правни лица од Куманово ќе го добијат најголемото општинско признание Ноемвриска награда кое се доделува за Денот на ослободување на градот – 11 Ноември.
Одлуката бил донесена на вчерашната седница на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и призанија при Советот на Општина Куманово.
– Особено сакам да се заблагодарам на сите кои аплицираа оваа година за Ноемвриската награда. Имавме 22 апликации од кои 12 за физички лица и 10 за правни лица. Воедно сакам да се заблагодарам на Комисијата која едногласно и оваа година ги одбра добитниците на Ноемвриската награда, изјави Невена Величковска Зиројевиќ, претседател на комисијата.
Како што појасни таа, физичките лица ќе добијат награда од по 30.000 денари, а правните лица ќе добијат само диплома.
Ноемвриска награда на Општината Куманово за 2024 година, во вид на Диплома и паричен износ, им се доделува на следниве поединци:
Никола Давидовски
Давидовски е естраден уметник, во пензија, а наградата ја добива за неговата долгогодишна кариера на македонската музичка сцена на која испеја бројни песни, меѓу кои е и безвременскиот хит „Земјо мила“ која при осамостојувањето на државата била предложена и за државна химна.
Агрон Фазлији
Тој е претседател на Занаетчиската комора на РСМ и менаџер на фирмата Модна куќа „Стил“ – Куманово. Наградата ќе му биде врачена за исклучителниот придонес во промовирањето на занаетчиството на регионално, национално и меѓународно ниво, при што придонесе Куманово да стане водечки центар на традиционалните занаети во државата, како и за неговата клучна улога во обезбедувањето на субвенции, бенефиции и други финансиски поволности за занаетчиите, со што им овозможи нивна финансиска стабилност и можности за развој.
Столе Димитриевски
Тој е голман на Фудбалската репрезентација на Македонија и на шпанскиот фудбалски клуб „Валенсија“. Има одиграно повеќе од 70 натпревари за македонската репрезентација, а во 2021 година ја претставуваше државата на дебитантскиот настап на Европското првенство во фудбал, каде особено се истакна со своите маестрални одбрани.
Ноемвриска награда на Општината Куманово за 2024 година, во вид на Диплома, се доделува на следните правни лица:
Национална установа „Музеј“ – Куманово
Наградата ќе им биде доделена за огромниот придонес кон популаризацијата на музејот и музејската дејност и едукативното дејствување за значењето на културното наследство на државата, а кој оваа година одбележува повеќе јубилеи, меѓу кои и 60 години од формирањето.
Здружение за ликовна уметност „Форма Куманово“ – Куманово
Тие ќе ја добијат наградата за значајниот придонес во областа на уличната уметност, кое е автор на многубројни мурали и графити во Куманово и во многу други градови во државата и во странство.
Хуманитарнa организација „Крепост“ – Куманово
Изборот да добијат награда е поради реализираните хуманитарни донации за социјалните категории на лица во градот и во руралните средини.
Никола Ивановски