Американските пристанишни работници на источниот брег на САД и Мексиканскиот залив, односно од бреговите на сојузната држава Мејн до Тексас, го прекинаа големиот тридневен штрајк кој се закануваше да ја загрози трговијата и да предизвика значителна економска штета.
Синдикатот на пристанишните работници ILA, кој има меѓу 50.000 и 85.000 членови, во заедничка изјава со Поморската алијанса на Соединетите држави (USMX) соопшти дека претходниот договор на двете страни е продолжен до 15 јануари, пишува Bloomberg.
Работниците денеска ќе се вратат на работа, а двете страни ќе ги продолжат преговорите за долгорочен договор кој вклучува зголемување на платите за околу 62 отсто во следните шест години, јавува Си-Ен-Ен.
На овој начин, ILA и USMX добија дополнително време да решат некои спорни прашања без да ја загрозат американската економија само неколку недели пред претседателските избори, наведува њујоршката агенција.
„Денешниот рамковен договор за рекордни плати и продолжување на процесот на колективно договарање претставува клучен чекор напред кон силен договор“, изјави претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, пренесе Танјуг.