Претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Руската Федерација најостро го осудува „нападот без преседан“ врз Либан и неговите граѓани и ги повикува сите инволвирани страни да покажат воздржаност за да се спречи понатамошна дестабилизација на ситуација на Блискиот Исток.
Пејџерите што ги користеа членовите на Хезболах експлодираа истовремено во вторникот во јужен Либан, а Хезболах денеска соопшти дека бројот на загинати во експлозијата на пејџер се искачи на 12 откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, објави „Тајмс оф Израел“.
Русија го смета тој инцидент „како уште еден чин на хибридна војна против Либан, од која настрадаа илјадници невини луѓе“, рече таа, пренесува ТАСС.
„Москва силно го осудува нападот без преседан врз Либан и неговите граѓани, сочувствува со семејствата на жртвите и посакува оздравување на повредените“, рече таа.
Според неа, тој инцидент претставува грубо кршење на суверенитетот на Либан и претставува сериозен предизвик за меѓународното право преку употреба на неконвенционално оружје.
„Се чини дека организаторите на овој високотехнолошки напад намерно сакаа да поттикнат вооружена конфронтација од големи размери, сакајќи да предизвикаат голема војна на Блискиот Исток“, истакна Захарова.
Како што истакна таа, во контекст на растечката тензија на либанско-израелската граница, „ваквите неодговорни постапки се придружени со крајно опасни последици, бидејќи предизвикуваат нова рунда на ескалација“.
Неопходно е, оцени таа, „да се спроведе сеопфатна истрага за ова злосторство и сите одговорни да се изведат пред лицето на правдата, за да не биде ставен под тепих уште еден чин на тероризам“.
„Ги повикуваме сите инволвирани страни да покажат воздржаност пред чекорите кои се закануваат со понатамошна дестабилизација на воено-политичката ситуација во регионот на Блискиот Исток“, рече Захарова.
На пејџерските експлозии во Либан реагираше и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека причините и околностите за инцидентот треба да бидат темелно истражени.
„За да донесеме какви било пресуди, прво мора да се справиме со оваа ситуација. Сметаме дека мора да се спроведе апсолутно темелна истрага, за да се утврдат причините и околностите за тоа што се случи. Се разбира, оние што стојат зад овие масивни експлозии мора да бидат идентификувани“, изјави тој на новинарите, пренесува агенцијата РИА Новости.