Експлозии одекнаа во Киев за време на предупредувањето за воздушен напад што се огласи во раните утрински часови во четвртокот, 5 септември.
Укринформ пренесува дека ова го соопшти воената управа на градот Киев.
„Продолжува тревогата за воздушен напад! ПВО е активна во главниот град. Останете во засолништа додека не заврши тревогата“, напиша на Телеграм Серхи Попко, шеф на таа администрација.
На истата социјална мрежа се огласи и градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.
„Во градот се активирани силите за воздушна одбрана. Останете во засолништата! Тревогата за воздушен напад во главниот град траеше цела ноќ“, рече Кличко.
Да потсетиме, Русија во изминатите денови ги засили нападите врз Украина, во кои исто така има голем број жртви.
Само во нападот на Полтава загинаа најмалку 50 лица, додека во нападот на Лавов загинаа најмалку седум.