Генералното обвинителство на Русија ги прогласи за непожелни активностите на фондацијата на холивудскиот актер Џорџ Клуни во Руската Федерација.
– Дејноста на странската невладина организација „Клуни фондација за правда“ кај нас беше прогласена за непожелна. Невладината организација е основана во Њујорк од актерот Џорџ Клуни и неговата сопруга, која себеси се смета за правник од областа на меѓународното право – се наведува во соопштението.
Се додава дека фондацијата „работи со цел да ја дискредитира Русија“.
– Активно поддржува лажни патриоти кои ја напуштиле земјата, членови на забранети екстремистички здруженија и терористички организации. Криејќи се зад хуманитарните идеи, тие промовираат иницијативи за кривично гонење на највисокото раководство на Русија, јавно ширејќи негативни псевдо-експертски оценки на руското законодавство за странски агенти и невладини организации – соопштија од Генералното обвинителство на Русија.