Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја демантираше информацијата дека претходниот ден разговарал со републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп, за прекинот на огнот во Газа и преговорите за ослободување на заложниците.
„Спротивно на медиумските извештаи, премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера не разговараше со поранешниот претседател Доналд Трамп“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот, пренесува Ројтерс.
Како што беше објавено претходно денеска, порталот Аксиос, повикувајќи се на два американски извори, објави дека Трамп телефонски разговарал со Нетанјаху за да го охрабри да го прифати договорот, но изворот нагласил дека не знае дали навистина тоа го рекол поранешниот претседател.
Кампањата на Трамп не одговори на барањето за коментар.
Египет, САД и Катар за денеска закажаа нова рунда преговори за прекин на огнот во Газа.