Јеменската бунтовничка група Хути утринава изврши два напади врз бродови во Црвеното Море.
Првиот напад се случил на околу 115 километри јужно од пристанишниот град Ходеида, кој го држат Хутите, објави британскиот воен центар за поморски трговски операции (УКМТО), а вториот се случил неколку часа подоцна на околу 180 километри северозападно од Ходеида, пренесува АП, додавајќи дека не е веднаш јасно дали целта бил истиот брод.
Нападите доаѓаат во време кога сојузникот на Јемен Иран размислува за напад врз Израел поради атентатот на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Хани на 31 јули во Техеран.
Нивните напади веќе ја прекинаа стоката вредна еден трилион долари што годишно тече низ поморската рута клучна за трговијата меѓу Азија, Европа и Блискиот Исток, а, како што пишува американската агенција, Хутите предизвикаа најинтензивна борба што американската морнарица ја има видено од Втората светска војна.
Хутите нападнаа повеќе од 70 бродови во кампањата во која загинаа четворица морнари од почетокот на војната во Газа во октомври. Запленија еден брод, а два потонаа.
Бунтовниците тврдат дека нивните напади се насочени кон бродови поврзани со Израел, Соединетите Американски Држави или Обединетото Кралство, пренесува Танјуг.