Сиријците денеска гласаат на парламентарни избори во делови од земјата кои се под контрола на владејачката партија на претседателот Башар ал Асад.
Партијата Баас, која е на власт од 1963 година, и нејзините левичарски секуларни и арапски националистички сојузници речиси немаат опозиција, а единствена алтернатива се независните кандидати.
Повеќе од 1.500 кандидати се во трка за 250 места во парламентот.
Во областите контролирани од владата, Сиријците од 18 години и постари со лична карта можат да гласаат на околу 8.150 избирачки места.
Нема да се гласа на североистокот на земјата, кој е под контрола на курдските борци, како и во северозападната провинција Идлиб, која е под контрола на џихадистите.
Парламентарните избори во Сирија се одржуваат по четврти пат од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.