Светските цени на храната пораснаа во март за прв пат по осум месеци, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во март е забележан раст од месец во месец на цените на растителните масла, млечните производи и месото, што повеќе од компензира за падот на цените на житарките и шеќерот.
Светскиот индекс на цените на храната за март се зголеми од 117 поени во февруари на 118,3 поени, се наведува на веб-страницата на ФАО.
Вредноста на овој индекс е 7,7 отсто, односно за 9,9 поени пониска од март 2023 година.
Цените на житарките паднаа за 2,6 отсто на 110,8 поени на месечно ниво поради големата понуда на пазарот и жестоката пазарна конкуренција меѓу Европската унија, Соединетите Американски Држави и Русија, а цените на шеќерот за 5,4 отсто на 133,1 поени поради подобра прогноза за жетвата на шеќерна трска во Индија.
Показателот за цената на млечните производи порасна за 2,9 отсто на 124,2 поени месечно, а најмногу пораснаа цените на сирењето поради поголемата увозна побарувачка од купувачите од Азија.
Месото поскапува втор месец по ред, за 1,7 отсто на 113 поени, пред се поради поскапувањето на живинското месо.
Индексот на цените на растителното масло во просек порасна за осум отсто месечно на 130,6 поени и сега е на највисоко ниво во последните 12 месеци, пренесува Танјуг.