Детската претстава „Малата сирена“ на Театар Куманово утре ќе го прослави петиот роденден од својата премиера, на сцената во НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Актерите повторно ќе ја изведат претставата за најмалата публика и ова ќе биде 28мо играње на „Малата сирена“ од нејзината премиера досега.
Актерката Сања Русевска вели дека претставата неочекувано постигнала огромен успех.
– Како дете отсекогаш сум сакала да бидам Малата сирена и ете ми се исполни желбата да бидам и да можам да учествувам со моите колеги во градење на оваа претстава и да доживеам пет години роденден. Претставата беше посетена на неколку фестивали во земјата и секогаш кога сме ја играле секогаш била преполна и се барало карта плус, вели Русевска.
Бојана Краљевска, режисерка на претставата, додава дека претставата ќе живее оти се уште има интерес.
– Со текот на годините се менуваат генерации, има нови деца кои се доволно возрасни да ја посетата претставата, децата се живот и со тоа му даваат живот и на театарот. Созреваат нови генерации кои се заинтересирани, театарот како медиум е незаменлив, и најпознатите холивудски актери се уште играат во театар затоа што тоа чувство од вете страни и од аспект на публика и од аспект на актерска игра е незаменливо, рече таа.
Сценографот Крсто Богојевски, кој доби и награда за најдобра сценографија за претставата на фестивалот „Малиот принц“ во Штип, вели дека е презадоволен што претставата се уште е активна и има голем интерес за неа.
– Сценографиите за детските претстави се поспецифични на некој начин бидејќи покрај тоа што детската фантазија е неограничена, се е возможно во тој свет, на сцена кога ќе се постави сето тоа мора да се внимава на колоритот, на самите елементи, да биде доволно интересно и привлечно да го задржи нивното внимание, бидејќи детското внимание не е многу долго, рече тој.
Инаку, претставата освен за најдобра сценографија има освоено и награда за најдобра костимографија од Кети Пауновска, додека актерот Никица Јанковски ја доби наградата за најдобар актер.
По повод петгодишнината утре претставата повторно ќе биде изведена од 18 часот, а билетите се достапни на билетарата на НУЦК „Трајко Прокопиев“ по цена од 100 денари.
Никола Ивановски