Премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска во Тирана потпишаа договор за соработка.
Според нив, овој договор го зајакнува и подобрува пријателството меѓу Албанија и Украина.
Средбата се одржала во кабинетот на Рама, пренесуваат албанските медиуми.
По тој повод, Зеленски на Рама му додели највисоко одликување „Орден на принцот Јарослав Мудриот“, а Рама на Зеленски му подари книга со неговите уметнички дела.
Зеленски и Рама ќе учествуваат на самитот Украина – Југоисточна Европа и по потпишувањето на договорот отидоа пред конгресната сала каде се одржува средбата и каде заедно ги пречекуваат учесниците на самитот.
Според објавената агенда, се очекува Рама и Зеленски да одржат воведни говори, а потоа и средба зад затворени врати.
Самитот ќе биде заокружен со нивна заедничка прес-конференција.
Во пресрет на самитот, Зеленски на платформата Х напиша дека ја цени улогата на Албанија и премиерот Еди Рама во поддршката на Украина и го нарече Рама „непоколеблив пријател на Украина“.
Во главниот град на Албанија, по повод самитот, на централните улици беа закачени украински знамиња, а на платото на самата Конгресна палата беше поставен знакот „Самит Украина-Југоисточна Европа“.
Поради доаѓањето на Зеленски, бројни улици се затворени за сообраќај, а на централните улици се присутни голем број безбедносни сили.