Потопен на длабочина од 40 метри, на дното на акумулацијата Киандао во Кина, постои целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат „кинеска Атлантида“.
Градот Ши Ченг (Градот на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот на Индипендент indy100.
Повторно беше откриен од кинески истражувачи во 2001 година, кога кинеските власти организираа експедиција за да го пронајдат она што останало од изгубената метропола.
Утврдено е дека Градот на лавовите е совршено сочуван и по 53 години под вода, а во 2017 година бил отворен за туристи.
Но, каква е историјата на Градот на лавовите и како тој завршил под вода?
Се претпоставува дека Ши Ченг бил изграден за време на династијата Хан, помеѓу 25 и 200 година од нашата ера.
Некогаш бил политички и економски центар на источната провинција Жеџијанг и во него се наоѓало регионалното седиште на владата.
Ши Ченг, кој е стар повеќе од илјада години, бил потопен кога во 1959 година кинеската влада одлучила таму да заврши хидроелектрична брана на реката Ксин, поради што античкиот град бил поплавен и завршил под огромен резервоар.
Во исто време, раселени се повеќе од 300.000 жители.
Заборавен повеќе од 50 години
Беше заборавен речиси 53 години. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од 16 век, имале пет влезни порти, за разлика од традиционалните четири што ги карактеризирале старите кинески градови.
Широките градски улици имаат 265 сводови со камени ѕидови издлабени со змејови, феникси и лавови.
Но, античкиот град е зачуван како временска капсула од периодот кога бил поплавен.
Со оглед на тоа што водата што се користела за потопување не содржела ништо корозивно, градот бил зачуван во совршена состојба.
Иако функционирал како град до средината на 20 век, Ши Ченг сè уште не е целосно мапиран.
Денес, нуркачите чекор по чекор ја проучуваат секоја зграда, структура, свод, пат и градба за да добијат целосна слика за тоа како изгледал градот.
Туристите и посетителите можат да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркање.