Макрон се залага за автономија на Корзика, но „во рамките на Франција“

Сподели со своите пријатели

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера го поддржа автономниот статус на Корзика „во рамките на Француската Република“, но предупреди дека медитеранскиот остров мора да договори какви било пренесени овластувања со француската држава, а не „против“ неа.

Loading...

Обраќајќи се пред Собранието на Корзика за време на патувањето во Ајачио, Макрон рече дека е време да се „изгради автономија на Корзика во рамките на републиката“ и го нарече потегот „историски“.

„Мораме да одиме напред, а за да го направиме тоа мораме да ја вклучиме Корзика во нашиот устав“, рече тој на собранието во кое доминираа корзиканските националисти, од кои повеќето се залагаат за независност од Франција, пренесува Франс 24.

Францускиот претседател постави рок од шест месеци за владата и политичките партии на Корзика да се договорат за предложената ревизија на Уставот, која потоа ќе биде разгледана од парламентот во Париз.

„Ова нема да биде автономија против државата, ниту автономија без држава“, предупреди тој.

Владата на Макрон ја промовираше можноста за автономија на Корзика пред претседателските избори во Франција минатата година, надевајќи се дека ќе ги смири деновите на насилни протести предизвикани од смртта на корзиканскиот националист Иван Колона.

Колона служеше доживотна затворска казна за убиство на локален функционер, а во затвор беше претепан од камерунскиот џихадист Френк Елонг Абе.

По нападот паднал во кома и набрзо им подлегнал на повредите.

Loading...

Нападот предизвика немири на Корзика, каде што многумина сметаат дека Колона е херој за кампањата за независност од Франција.

Демонстрантите протестираа бидејќи затворските власти не го спречија нападот на Колона.

За време на една ноќ на немири во Бастија, вториот по големина град на Корзика, беа повредени 67 лица, од кои 44 полицајци.

Корзиканските националисти, кои вклучуваат и сепаратисти и поборници за автономија, долго време бараат поголеми овластувања за островот и признавање на корзиканскиот јазик како официјален јазик.

Ваквите барања остануваат чувствителна тема во Франција, каде што политичарите рутински ја нагласуваат потребата од заштита на единството и националниот идентитет на земјата, пренесува Танјуг.